Третмани на лице
Прашање:
Што е face lifting без скалпел?
Одговор:
Методата која во светот популарно е наречена face lifting без скалпел е во суштина комбинација на ласерски и други современи третмани за затегање на лицето, корекција на подочниците, отстранување на пигментни дамки, отстранување на проширени капилари, пополнување на порите на кожата на лицето, како и пополнување на ситни и средно изразени брчки.
Прашање:
Што е микродермоабразија?
Одговор:
Микродермоабразијата е независна техника на пилинг со симнување на површинските слоеви на кожата со помош на кристали. Принципот на работа на апаратот е вакуум систем со кристали кои одат со голема брзина до кожата, вршат ексфолијација на површинските слоеви и потоа со вакуум системот се отстранува кожниот дебрис.
Прашање:
Што се постигнува со третманот на микродермоабразија?
Одговор:
Со микродермоабразија се постигнува отворање на затнатите пори со што кожата полесно дише, потоа стимулација на циркулацијата, регенерација и поттикнување на природните функции на кожата и клеточно обновување. Со третманот на микродермоабразија добиваме мазна и сјајна кожа и нејзино потполно ревитализирање и обновување на колагенот и еластинот.
Прашање:
За што се користи микродермоабразијата?
Одговор:
- За одржување на виталноста на кожата на лицето, вратот и рацете по 20 годишна возраст
- Третирање на кожа оштетена од сонце, сува и груба кожа, масна кожа
- Третирање на површни брчки
- Третирање на површни лузни од акни, лузни од операција, хиперпигментации.
Прашање:
Дали микродермоабразијата може да се комбинира со други третмани?
Одговор:
Микродермоабразијата може да се примени самостојно, како единечна процедура или да се комбинира со други третмани, како што е третманот со ласер. Тоа е одлука на лекарот кој го изведува третманот. Ако се очекува подобар резултат како комбиниран третман, може да се примени како таков.
Прашање:
Колку третмани на микродермоабразија се потребни?
Одговор:
За постигнување на задоволителни резултати се потребни 6-8 третмани на растојание од 7 до 10 дена.
Прашање:
Колку трае еден третман на микродермоабразија?
Одговор:
Должината на траење на третманите зависи од регијата која се третира. Еден третман на лице трае 10-15 минути. Третман на лице и врат трае 15-20 минути. Ако третираме поголема регија, третманот може да трае и до 30 минути.
Прашање:
Што е хемиски пилинг?
Одговор:
Се работи за медицински третман при што се користи раствор од соодветна киселина која се нанесува на кожата.
Со хемискиот пилинг се предизвикува контролирано отстранување на површните кожни слоеви со аплицирање на хемиски агенс.
Прашање:
Каде најчесто се применува хемискиот пилинг?
Одговор:
Хемискиот пилинг може да го примениме доколку сакаме да ја подобриме структурата на кожата, да го забавиме стареењето, кај пигментации настанати од старост и сонце, акни, лузни од акни, мали и средни брчки.
Прашање:
Кој може да го прави хемискиот пилинг?
Одговор:
Хемискиот пилинг може да го прават дерматолози во дерматолошки ординации.
Дерматологот треба да биде обучен за третманот.
Третманот трае 30 - 45 мин. Пациентот по третманот може да се врати на нормалните секојдневни активности.
Третманите се прават на растојание од 2 недели. Потребни се серија од 6 до 8 третмани.
Прашање:
Какво е чувството за време на третманот со хемиски пилинг?
Одговор:
Пациентот за време на третманот чувствува жарење и топлина во кожата која за кратко време минува.
По третманот се препорачува користење на високохидрирачки регенеративни креми кои ќе дејствуваат на брзото обновување на кожата. Се препорачува и користење на креми со заштитен фактор (СПФ >30 ). Доколку се работи за длабок пилинг, времето на опоравување е од 7 до 10 дена.
Прашање:
Каква е користа ако направиме хемиски пилинг?
Одговор:
Хемискиот пилинг го забавува процесот на стареење и дава посебна свежина и еластичност на кожата.
Прашање:
Дали хемискиот пилинг може да се комбинира со други третмани?
Одговор:
Може да се користи како единечен третман или да е комбиниран со ласерски или други неинвазивни третмани.
Прашање:
Што е мезотерапија?
Одговор:
Мезотерапија е техника при која се користи мала игла (со димензии 0,4 – 0,6 см) со чија помош во подлабоките делови на кожата се внесуваат медикаменти, витамини, минерали и есенцијални масни киселини.
Прашање:
За што се користи мезотерапијата?
Одговор:
Мезотерапијата може да се примени како тераписки модалитет во естетската хирургија: за редукција (намалување) на масни наслаги и целулит, за стимулирање на фоликулот на влакното (за повторен раст на коса), против настанување на брчки, за освежување на кожата и за поттикнување на создавање на нов колаген и еластин.
Прашање:
Дали мезотерапијата е болна метода?
Одговор:
При третманот се користат мали игли со што самата постапка не е болна. Пациентите болката ја опишуваат како лесен убод од инсект. Единствен несакан ефект по третманот е црвенило и модринки кои за неколку дена се повлекуваат.
Прашање:
Колку третмани на мезотерапија се потребни за постигнување на добри резултати?
Одговор:
За постигнување на задоволителни резултати од мезотерапија потребни се 6-10 третмани.
Прашање:
Кој може да ја изведува мезотерапијата?
Одговор:
Третманот може да го изведуваат медицински едуцирани лица и се изведува во медицинска установа.
Прашање:
Дали мезотерапијата може да се комбинира со други третмани?
Одговор:
Мезотерапијата може да се примени самостојно, како единечна процедура или да се комбинира со други третмани, како што се третмани со микродермоабразија, хемиски пилинг, ласерски третмани, третмани со радиофреквенција и други. Тоа е одлука на лекарот кој го изведува третманот. Ако се очекува подобар резултат со комбиниран третман, треба да се примени како таков.
Прашање:
Што е радиобранова хирургија?
Одговор:
Радиохирургијата е атравматски метод на сечење и коагулација на меките ткива. Тоа е постапка со која ткивото се отстранува или уништува со помош на електрична енергија.
Прашање:
Што ја прави оваа метода подобра од другите методи?
Одговор:
При козметички постапки на лицето нуди слични резултати како и ласерот, но со попрецизно сечење и побрз процес на заздравување.
При нејзината примена не е потребен притисок што резултира со помала травма на клетките, помало создавање на лузни и помала постоперативна болка во споредба со интервенции направени со скалпел. Најчесто е потребен еден третман.
Прашање:
Што може да се третира со оваа метода?
Одговор:
Со радиобрановата хирургија се третираат кожни промени како што се: кожни папиломи, брадавици, цисти, милиуми, бенки, мали капилари, помали атероми, ксантелазми, старечки брадавици. Успешно се отстрануваат и мали лузни, нерамнини на кожата и др.
Прашање:
Што се отстранува со радиобрановата техника?
Одговор:
Со радиобранова техника се отстрануваат разни промени на кожата: папиломи, брадавици, цисти, милиуми, помали атероми, ксантелазми, старечки брадавици, младежи и слични промени. Терапијата е безболна и потребен е само еден третман.
Ксантелазми (жолтеникави наслаги околу очите), папиломи околу очите и за сите интервенции во регијата на очите и очните капаци идеална е радиобрановата техника.
Радиобрановите успешно се користат и за отстранување на кондиломи.
Третмани на тело
Прашање:
Што се проширени капилари и вени?
Одговор:
Проширените капилари се видливи, куси, црвени или модри линии присутни на кожата со дебелина на влакно во форма на разгрането дрво или пајакова мрежа. Додека, пак, проширените вени се кривулесто проширени крвни садови со темносина боја.
Прашање:
Како може да се третираат проширените капилари и вени?
Одговор:
Најголем број пациенти со проширени вени успешно се третираат со процедура наречена склерозација. Склерозантното средство во форма на раствор се инјектира директно во проширената вена или капиларот со мала игличка. Склерозантното средство предизвикува иритација на ѕидовите на крвниот сад, воспаление и нивно приближување, а вената се претвора во фиброзна лента и станува невидлива.
Прашање:
Колку третмани се потребни?
Одговор:
Во зависност од големината, проширениот крвен сад се третира еднаш или неколку пати, со пауза од 7 до 14 дена меѓу интервенциите.
Прашање:
Дали се потребни некои мерки, по склерозантната терапија?
Одговор:
По склерозацијата се носат компресивни завои или чорапи, а пациентите можат да продолжат со секојдневните активности.
Прашање:
Како може да се третираат поголемите проширени вени?
Одговор:
Со примена на посебна техника на склерозација со пена се постигнува брзо и ефикасно исчезнување на поголемите вени, кои порано се третираа исклучиво со хируршки методи.
Прашање:
Постојат ли други методи за третирање на проширени капилари?
Одговор:
За постигнување на извонредни козметички резултати во третманот на капилари на нозете се користи комбинација на склерозантна терапија со ласер (IPL) или радиофреквенција - bionic.
Прашање:
На кој начин функционира радиофреквенцијата - bionic?
Одговор:
Радиофреквенцијата користи високофреквентна енергија која доведува до термолиза на проширените крвни садови, при што не настанува оштетување на околните ткива. Оваа терапија со користење термогалванска и поларизирана светлина е современа, безболна и ефикасна терапија овозможена од уникатниот апарат Bionic.
Прашање:
На кои делови од телото може да се примени радиофреквенција (РФ) за затегнување на кожата?
Одговор:
Третманот со радиофреквентен апарат може да се примени на секој дел од телото, каде има опуштена кожа. Најчесто се применува за третман на вратот и аксилата (пазувата). Исто така, дава одлични резултати за зацврстување на кожата на стомакот, колковите и градите.
Прашање:
Во колкав степен ултразвукот (кавитацијата) и радиофреквенцијата ја заменуваат хируршката липосукција?
Одговор:
Досега, единствен избор за преобликување на телото беше хирушкиот зафат. Липосукцијата во многу аспекти е ризична, инвазивна и скапа метода. Проследена е со анестезија, долг период на заздравување и не секогаш се постигнуваат саканите резултати.
Третманот со ултразвук и радиофреквенција кратко трае, неинвазивно го преобликува телото, ги подобрува облините и го намалува обемот до 5 сантиметри. Оваа метода го преобликува телото без операција и болка.
Прашање:
Дали боли третманот со радиофреквентен апарат?
Одговор:
Иако нивото на толеранција на болка е индивидуално, најчесто третманите добро се поднесуваат. Клиентите третманот го опишуваат како топла масажа. Повеќето клиенти сметаат дека не е потребна анестезија. Не се познати несакани ефекти.
Прашање:
Колку радиофреквентниот апарат е ефикасен во отстранување на целулитот?
Одговор:
Целулитот се појавува кај 80% возрасни жени. Најчесто се појавува на колковите и задникот. И покрај сите обиди да се најде ефикасен третман кој ќе го победи целулитот, досега ниедна техника не се покажа доволно ефикасна. Третманот со радиофреквенцијата овозможува ефикасно и долготрајно намалување на целулитот. Потребни се 5-6 третмани, а веднаш по првиот третман се забележува подобрување на изгледот на целулитот.
Клиничка дерматологија
Прашање:
Што е компјутеризирана дерматоскопија?
Одговор:
Инциденцата на кутани меланоми и други карциноми на кожата е во постојан пораст во последните децении.
Компјутеризираната дерматоскопија овозможува неинвазивно дијагностицирање на пигментни лезии на кожата со сликање и длабинска проценка на структурите кои не се видливи со голо око. Избраната лезија се снима и потоа се врши анализа и проценка за степенот на малигнитет.
Прашање:
Што се добива со компјутеризираната дерматоскопија?
Одговор:
Со компјутеризираната дерматоскопија се одредува и степенот на ризик кон малигнитет. Ако младежот има потреба да се следи во подолг временски период, сликата останува запомнета и е на располагање за споредба со секоја наредна контрола. Во случај да постои какво било сомнение, се предлага оперативно отстранување.
Прашање:
Дали е опасно да се оперираат младежите?
Одговор:
Апсолутно е безопасно и без ризик. Секоја сомнителна промена, како и промени изложени на постојана дразба треба да се отстранат.
Прашање:
На кој начин работи апаратот за компјутеризирана дерматоскопија?
Одговор:
Апаратот работи на принцип на светлосна поларизација, при што дерматолоскопското снимање може да се изврши со директно доближување на камерата на кожата.
По извршеното снимање, се врши анализа на снимената промена од страна на стручно лице следејќи европско прифатени класификации за анализа на истите.
Прашање:
Што се отстранува со радиобрановата техника?
Одговор:
Со радиобрановата техника се отстрануваат разни промени на кожата (папиломи, брадавици, помали атероми, ксантелазми, старечки брадавици, младежи....). Терапијата е безболна и потребен е само еден третман. Папиломи околу очи безболно се отстрануваат без ризик за очите.
Ксантелазми (жолтеникави наслаги околу очите), папиломи околу очите и за сите интервенции во регијата околу очите и очните капаци идеални се радиобрановите. Радиобрановите успешно се користат и за отстранување на кондиломи.
Прашање:
Која е причината за појава на акни?
Одговор:
Акните во пубертетот настануваат под влијание на андрогените (машки полови хормони) кои делуваат стимулативно на лојните жлезди кои се генетски предиспонирани да реагираат на андрогените. Ако ги опишуваме причините за појава на акни во потесна смисла на зборот можеме да споменеме 3 главни фактори:
- Зголемено лачење на лојните жлезди под влијание на андрогените (машки полови хормони)
- Појава на десквамација (лупење) на површниот слој во изводните канали на лојните жлезди, што доведува до затнување и неможност за излегување на лојта на површината на кожата
- Зголемено размножување на бактеријата Propionibacterium acnes нормално присутна во кожата, и појава на воспалителени процеси.
Прашање:
Дали успешно се лекуваат акните?
Одговор:
Кога зборуваме за лекувањето на акни, тоа мора да биде благовремено спроведено и индивидуално адаптирано во зависност од тежината на воспалителните процеси. Лечењето може да биде локално (препарати кои се нанесуваат на кожата во облик на лосион, гел и крем) и системски (во облик на таблета и капсули). Меѓутоа, современите тенденции зборуваат во прилог на нови технологии и процедури кои го подобруваат и забрзуваат лекувањето на акните.
Прашање:
Колку време е потребно да се излекуваат акните?
Одговор:
Лекувањето на акните е долготраен процес кој понекогаш може да трае и со години. Потребно е пациентот да е под постојана контрола на дерматолог за да се спречи создавањето на лузни.
Прашање:
Дали може да се отстранат лузните од акни?
Одговор:
Степенот на отстранување зависи од длабочината на лузните. Во секој случај, со денешната технологија може да се очекува значително измазнување на лузните.
Трајно отстранување на влакна
Прашање:
Дали е безбеден и колку е ефикасен SOPRANO XL ласерот во отстранување на влакната?
Одговор:
SOPRANO XL ласерот е еден од најбезбедните ласери во однос на заштитата на кожата, ефикасен во однос на отстранување на влакната и е безболен. Воедно, тој е единствениот ласер кој може да се употребува на сончана кожа.
Прашање:
Дали боли третманот со SOPRANO XL ласерот при отстранување на влакната?
Одговор:
Иако степенот на толеранција на болка е индивидуален, повеќето клиенти одлично го поднесуваат третманот со диодниот ласер SOPRANO XL, зашто всушност е безболен. Чувството го опишуваат како благо пецкање на кожата. Локална анестезија не е потребна.
Прашање:
Колку трае третманот со диодниот SOPRANO XL ласер?
Одговор:
Светски новитет претставува и SHR технологијата во SOPRANO XL која овозможува брза работа при што енергијата се емитира при движење на сондата (десет импулси во секунда), така што поголеми површини како грб или нозе се работат многу побрзо и поефикасно од кој било друг ласер или ИПЛ систем.